Регистрирај Pazar3 сметка и добиј 50 денари!
Македонски | Shqip | English |

5 tips for fitness beginners


5 Совети за фитнес почетници


Како што пристигнува летото, така се зголемува бројот на активни рекреативци кои што започнуваат да се занимаваат со вежбање на отворено, или пак во теретаните кои што ќе се отворат во следниот период, како резултат на олабавувањето на мерките против Ковид-19.

Доколку во изминатиот период размислувате за промена на вашата рутина, преку започнување со вежбање и спорт и рекреација, а сеуште не сте сигурни во себе како тоа да го направите, во оваа статија ќе имате прилика да прочитате 5 совети кои ќе ви помогнат да постигнете одлични резултати!


Подгответе се и поставете си цел

Најпрвин, подгответе се психички бидејќи секоја промена на рутината и излегување од комфор зоната може да изгледа како огромен предизвик, но, во овој случај, промената е позитивна и тоа ќе има долготраен позитивен ефект врз вашето здравје.

Имајте на ум дека најважен е првиот чекор, без разлика дали вашата моментална форма не е на завидно ниво, впрочем, никој не ни се здобил со прекрасно оформено тело без притоа да започне со вежбање.

Исто така, малата самодоверба на почетокот е сосема разбирлива, но, тоа не значи дека откако ќе влезете, луѓето би гледале во вас.

Во теретаните, ќе можете да се спријателите со многубројни рекреативци кои притоа би ви помогнале при вежбањето, а во истовреме, би биле достапни за вас за да ви дадат препораки во поглед на вежбите, а и укажат каде грешите.

Потоа следи најважното - целта.

Која е вашата цел? Слабеење? Подобрување на физичката форма? Градење на "извајано" тело?

Откако ќе си одговорите на овие прашања, вие ќе си олесните многу повеќе, бидејќи секој човек кој што има некаква цел, сака и истата да ја реализира, тоа од некаде мора да се почне!

И да, не заборавајте да понесете прикладна спортска опрема и пешкир, бидејќи хигиената е најважна за секој поединец, а во теретаната, постојат и правила кои ги вклучуваат токму горенаведените 2 работи.


Започнете полека, и постепено темпирајте ја формата

Најголемата грешка која ја прави секој фитнес почетник е преголемото форсирање уште од првиот ден, мислејќи дека колку што повеќе инвестира во вежбањето толку поголеми а и побрзи би биле резултати.

Но, тоа не е така. На телото му е потребно време за регенерација, а патот кон вистинскот атлетско тело е долг и макотрпен процес кој што бара од вас многу труд и конзистентност.

Бидете сигурни дека подобро е 3 пати во неделата да вежбате по 1 час ефективно и постепено да ја поттикнувате формата, отколку да извежбате 2 часа уште од првиот ден, за да притоа, и се повредите или добиете тешко воспаление на мускулите кое може да трае најмалку 1 недела.

За ваша информација, препорачливо е да посветите од 45-60 минути во тренинг, со кратки паузи за одмор, а оваа практика ќе Ви овозможи побрзо да се приспособите на новиот режим и малку по малку да ја зголемувате тежината на теговите.

Покрај ова, ве советуваме и да се консултирате со лекар особено ако долго време сте биле физички неактивни, или пак имате некој здравствен проблем, бидејќи секое тело односно организам има своја точка на "топење".

За крај, не пропуштајте ниту еден тренинг без претходно загревање, бидејќи голем процент од повредите се должат кога ќе започнете со инстантно вежбање без да правилно да се загреете


Вежбајте правилно или најмете фитнес тренер

Како апсолутен почетник, шансите за да знаете кои вежби се најдобри за вас, или пак, како истите да ги практикувате се навистина мали, па затоа, најдобро е да си најмите фитнес тренер, да вежбате заедно со пријателите кои веќе имаат искуство, или пак, да гледате видеа.

Интернетот е полн со вежби кои што ви стојат на располагање сосема бесплатно, доколку опцијата за фитнес тренер ви се чини како скапа, а постојат и многубројни форуми на кои би можеле да одвоите малку од вашето време за да читате или да разменувате мислења со други, веќе поискусни членови.

Како и да е, крајниот избор го оставаме на вас, но, во секој случај, наша препорака би била да се стремите кон правилно реализирање на вежбите.

Зошто? Бидејќи доколку вежбите не ги реализирате правилно, тоа може да доведе до деформации на одредени делови од телото, нерамномерен раст на мускулите и сл.

За ваша среќа, по теретаните има и огледала пред кои што би можеле да ги изведувате вежбите, и во истовреме да имате подобра претстава околу тоа дали истите ги правите правилно.

На пример, на почеток, правете повеќе вежби кои би вклучувале повеќе мускулни групи наместо една, а со тек на време, креирајте и план за вежбање во кој што ќе ги поделите мускулните групи во посебни денови.


Внимавајте на исхраната и редовно конзумирајте вода

За да вашето тело а и вие имате доволно сила за вежбање, од клучна важност е и исхраната, впрочем, таа е исто толку многу важна колку што е и самиот процес на вежбање.

Па така, ако планирате да ослабете, тоа не значи дека треба исклучиво само да вежбате и буквално да живеете на "воздух" или на минимален внес на калории.

Наместо тоа, консултирајте се со нутриционист, фитнес тренер, или побарајте посебен режим на исхрана за слабеење на интернет/инсталирајте апликација на вашите мобилни телефони, и придржувајте се кон истата што е можно повеќе.

Исхраната треба да вклучува растителни влакна, малку маснотии, хранливи материи и витамини од овошје, зеленчук, зрнести житни култури и млеко со ниска масленост.

Најдобрите резултати се добиваат со урамнотежен план за храна, и без прескокнување на доручекот кој што е "најважниот" појадок во текот на денот.

Ако пак сакате да ја зголемите вашата килажа, тогаш практикувајте поголем внес на калории, односно, секогаш внесувајте повеќе калории отколку што трошите при вежбање.

Денеска, многу е лесно да пронајдете калкулатори кои што ќе ви го мерат внесот и трошењето на калории, па поради тоа, шансите за да погрешите ви се сведени под минимум.

Како и да е, конзумирајте вода и во текот на денот, но, и при вежбање бидејќи во спротивно, би биле дехидрирани а тоа ќе се покаже лошо за прогресот.

Според експертите, препорачливо е да конзумирате 6-8 чаши вода секој ден, и да избегнувате големи количества на алкохол, бидејќи алкохолот го дехидрира телото.


Имајте правилен одмор и придржувајте се кон рутината

Како трета најважна работа, која што следи после правилно реализирање на вежбите, исхраната и пиењето на течности, е и 8 часовниот сон кој што мора да биде составен дел од вашиот живот.

Причината е едноставна, бидејќи иако вежбањето е клучно за да слабеете, подобрувате формата или изградите тело, уште поважно е и  телото да има доволно време за да се опорави после завршување на вашата фитнес сесија.

Почетниците во голема мера грешат изоставајќи го овој дел, па затоа, колку и да вложувате напор резултатите нема да ви бидат усогласени со желбата која што ја имате.

Процесот на опоравување всушност опфаќа обнова на залихите на енергија како и обновување на мускулот кој што е подложен на малечки "кинења" додека трае вежбањето.

Впрочем, тие "кинења" придонесуваат кон раст на мускулот, па затоа, одморот е повеќе од круцијален за да изгледате токму онака како што отсекогаш сте замислувале.

Пред да завршиме, би сакале исто и да напоменеме дека добра практика би било и да не вежбате иста група на мускули 2 дена по ред, туку да оставате простор од ден два за да таа специфична група се обнови и зајакне како што треба.

Во спротивно, прогресот нема да биде добар.


Се надеваме дека овие совети ви беа корисни, и дека голем дел ќе ги примените во пракса, па за крај, ве советуваме да не одолговлекувате туку да започнете со фитнес и рекреација уште веднаш, бидејќи бенефитите се многубројни за вас и вашето здравје!

Кон почеток

Нашиот сајт користи колачиња (Cookies). Со кликнување на “Се согласувам” или со продолжување на користење на сајтот, се согласувате со користењето на колачињата. Доколку не се согласувате, можете да ги промените подесувањата на Вашиот пребарувач.

Повеќе Информации